Година на прво издание:

2023

ISBN: 978-608-230-929-3

Број на страници: 310

Формат:

Корица: мека

Јазик: македонски 

Достапни преводи: словенечки. Наскоро ќе бидат достапни преводи на бугарски и хрватски.

Жанр: фикција, роман

Опис на делото

Младата скопјанка Катерина Аврам раскажува за своето дисфункционално семејство и за својот татко-бегалец од Кипар кој никогаш не зборува за своето минато. Неговиот живот го обележува реченицата „Човек да фати пустелија!“ која станува двигател за Катерина, во вечна потрага по идентитетот на татко си, во Скопје, Бристол, Лондон и Вароша. Паралелно со приказната за животот на семејството Аврам, тече и приказната за Пустелијата – антикомуна во која доброволно се селат луѓе кои сакаат да бидат сами и отуѓени и да немаат меѓучовечки односи.

Извадоци од рецензии

Романот на Димковска Единствен матичен број е карикатура на изгубените и нарушени семејни вредности, на отуѓеното општество кое е заинтересирано само за профит, на изгубените поединци кои се чувствуваат како да заталкале во овој свет кој веќе не го познаваат и признаваат за свој.

Биљана Илиќ – Героска

 

Растењето во пост-југословенска и новоформирана Македонија, чиешто име не смее ниту да го спомне на собирот во Бристол, а уште помалку на квази-границата во Никозија, ќе ја натераат Катерина да размисслува за низа политички прашања, што донесува во прозата на Димковска една нота на социјален активизам и бунт кон обесправеноста, преку гласно изговарање на отворените горливи прашања: уште еден показател на силината на нејзиниот прозен збор. Токму затоа меѓу редовите на „Единствен матичен број“ се зборува отворено за правата на жената, за македонското и за кипарското прашање, за турско-грчките односи, за сонуваниот европски рај, за феминистички начела…

Владо Ефтимов

 

Пустелијата е лајтмотив во романот „Единствен матичен број“. Тоа е едно антиутописко место кое сепак постои во реален простор и реален топос. Проектот за неа како антикомуна наидува на одобрување од западниот бизнис-свет и добива пари за реализација. И тоа каде на друго место ако не во Македонија, каде што не недостигаат запустени села и гратчиња. Така пустелијата станува модерен стартап што се реализира кај нас со британски пари. Едно гратче современо во секоја денешна смисла на зборот во кое може да влезе секој кој сака да живее сам.“

Виолета Танчева-Златева

 

Единствен матичен број“, новиот роман на Лидија Димковска кој зборува за пустите места во нашите животи, за длабоката редундантност што ги следи овие простори, за идентитетските недоразбирања и за емотивиот вакуум во душите. Роман што никого, ама баш никого нема да остави рамнодуштен. Лидија Димковска на македонската книжевност и подарила уште еден драг камен, уште едно извонредно прозно дело“.

Сашо Огненовски

 

Единствен матичен број“, новиот наслов на една од најуспешните македонски романсиерки е приказна за нарушените семејни односи, за отуѓеноста од самите себеси и за молкот кој во ниту еден случај не може да биде решение на проблемите. Романот на Димковска начнува меѓугранични психолошки состојби на умот и на читателите им претставува галерија од ликови во кои секој може да се пронајде во современото дивеење и отуѓување.“

racin.mk

Автор

Повеќе од авторот

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment