Биографија
Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романописка, есеистка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. На Универзитетот во Букурешт, Романија, докторирала од областа на романската литература („Поетиката на Никита Станеску“) и предавала македонски јазик и литература. Сега живее во Љубљана, Словенија и преведува словенечка и романска книжевност на македонски јазик. Објавила седум поетски збирки, четири романи, една збирка куси раскази и еден патеписен дневник. Уредила антологија на најмладата македонска поезија, антологија на современат словенечка поезија на македонски јазик и две антологии на имигрантската и малцинската книжевност во Словенија. Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби и читања како и на книжевни резиденции во Ајова, Берлин, Грац, Кремс, Чортановци, Виена, Салцбург, Окинава, Сплит, Тирана и Лондон. Била член на жирито за меѓународната поетска награда „Херберт“ во Полска како и претседателка на жирито за меѓународната награда „Виленица“ на истоимениот меѓународен книжевен фестивал во Словенија, а моментно е член на меѓународното жири за Европската награда за поезија Петру Крду, Вршац, Србија. Песни, извадоци од романите, куси раскази, интервјуа и критички осврти за нејзиното творештво се објавувани во Times Literary Supplement, American Poetry Review, World Literature Today, The Rumpus, Tin House, the Paris Review, the Literary Hub, Frankfurter Allgemeine Zeitung, Die Zeit, Foreword, The White Review, Asymptote, Publishers Weekly, BBC World Service, Words Without Borders, Columbia Journal, Los Angeles Review, Boston Review, Poetry International, Plume, New Humanist. Нејзините книги се преведени на 16 јазици (англиски, германски, италијански, француски, унгарски, словенечки, романски, словачки, полски, чешки, латвиски, српски, хрватски, бугарски, грчки и албански), а моментно се преведуваат и на украински и амхарски јазик.
Список на објавени дела (библиографија):
Поетски збирки:
- Рожби од Исток (1992, заедно со Борис Чавкоски)
- Огнот на буквите (1994)
- Изгризани нокти (1998)
- Нобел против Нобел (2001)
- Идеална тежина (2008, избрана поезија, 130 томови македонска книжевност)
- pH неутрална за животот и смртта (2009)
- Црно на бело (2016)
- Гранична состојба (2021)
Романи:
- Скриена камера (2004)
- Резервен живот (2012)
- Но-Уи (2016)
- Единствен матичен број (2023)
Патописен дневник:
- Отаде Л. (2017)
Збирка раскази:
- Кога заминав од Карл Либкнехт (2019).
Добиени награди:
(за поезија):
- награда за дебитантско поетско дело „Студентски збор“ (за „Рожби од Исток, заедно со Борис Чавкоски, 1992),
- германска награда за поезија „Хуберт Бурда“ (за млади источноевропски поети, 2009),
- романските награди „Поесис“ (за изборот поезија „Мета-бесење на мета-липа“ во препев на романски на Дагмар Марија Анока, Константин Абалуца и авторката, 2001) и „Тудор Аргези“ (за животно поетско дело, 2012),
- европска награда за поезија „Петру Крду“ (за животно поетско дело, 2016),
- словенечка награда „Чаша на бесмртноста“ (за десетгодишен поетски опус, како прва авторка која не пишува на словенечки јазик, 2020),
- албанско-македонска награда „Наим Фрашери“ (за животно поетско дело, 2020),
- наградата „Браќа Миладиновци“ (за најдобра поетска збирка меѓу две изданија на „Струшките вечери на поезијата“ за книгата „Гранична состојба“, 2021)
- номинација за американската награда „Најдобра книга во превод“ за избрана поезија на англиски јазик
- номинација за германската награда „Берлински мост“ за избрана поезија на германски јазик,
- номинација за полската награда „Европски поет на слободата“ за поетската збирка pH неутрална за животот и смртта
- номинација за словенечката награда МИРА на Словенечкиот ПЕН центар за целокупното творештво.
(за проза):
- наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија – за романот „Скриена камера“, 2005, и за романот „Резервен живот“ 2013,
- наградата на Европската Унија за книжевност (за романот „Резервен живот“, 2013),
- Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ (2018),
- номинација за швајцарската награда „Специмен“ за најдобар расказ,
- номинација за меѓународната награда „Балканика“ за романот „Но-Уи“
- номинација за македонската награда Роман на годината за „Единствен матичен број“, 2024.