Година на прво издание:

2020

ISBN: 978-608-243-565-7

Број на страници: 231

Формат: 13×20

Корица: мека

Јазик: македонски 

Достапни преводи: 

Жанр: фикција, роман

Опис на делото

Дејствието во оваа носталгична дистопија се случува во 2020 година во Скопје, СР Македонија, која е сè уште дел од  СФР Југославија.

Главниот лик Зоран е типичен Македонец, тивок и ненаметлив. Живее со ќеркичката во Карпош во едно Скопје кое е застанато во времето, приковано во железен, ама за’рѓан систем.

На власт доаѓа третиот Маршал и  почнуваат да се случуваат чудни работи. Снемува рудари, учителки, мајстори и на крај деца. Кога ќе ја снема ќерката на Зоран, тој ќе нè поведе во една возбудлива прошетка низ тоа дистописко општество во кое, како во огледало можеме да си ги познаеме сите најсветли и најмрачни страни на нашата култура и нашето секојдневие.

 

Извадок од романот на македонски јазик може да се прочита на „Радио МОФ“, како дел од рубриката „#Раскажи ми“ (https://www.radiomof.mk/raskazhimi-izvadok-od-romanot-idol-na-dzidot-od-elena-filipovska/)

Извадоци од рецензии

Со својот прв роман, Идол на ѕидот (2020), Елена Филиповска ја освежува македонската книжевност со прецизно и педантно, речиси школски, изграден дистописки приказ на само една од многуте виртуелни реалности во кои сме можеле да се разбудиме. Велам речиси школски, затоа што овој роман ги содржи сите основни состојки на она што жанровски го препознаваме како дистопија, било во големите, класични дела, како 1984 (објавена во 1949 година) и Храбриот нов свет (Brave New World, 1932), било во поновите, како Приказната на слугинката (The Handmaid’s Tale, 1985) или Децата на мажите (The Children of Men, 1992). Така, дехуманизираниот хронотоп на едно футуристичко, постсоцијалистичко Скопје прикажан овде е сива, распарчена и деконструирана илузија за совршеното општество. Во ваквиот систем, опресивната општествена контрола навидум ја одржува некој далечен и мистифициран центар на моќ (Белград), но реалната власт над градот (и над Републиката) е во рацете на локалните (домашните) Велепатриоти, удобно сместени на Водно, во својот луксузен, паралелен универзум. Од далечината на Белград и од висината на Водно, обичните граѓани се контролираат преку обилно сервирана пропаганда (за сметка на постојаниот недостиг на основни потрепштини, како храна и облека), преку ограничен пристап до информации и постојан надзор и контрола, кои ги опфаќаат речиси сите аспекти од нивните животи. Во ваквиот „класичен“ дистописки свет, функционира и „класичниот“ дистописки субјект, со генеричко македонско машко име од осумдесеттите (Зоран). Како што најчесто се случува со дистописките субјекти, и тој во еден момент се наоѓа во ситуација во која почнува суштински да го доведува во прашање системот во кој живее и да ја проблематизира својата заробеност и сета своја немоќ наспроти него.

(„Репер„ бр. 155-156, 2023 Г., Елизабета Баковска)

 

…Во оваа дихотомија на власта и работниците, се крие една светла точка на надеж во нараторските зборови , а тоа се описите на изгрејсонцето над Скопје, во таков „мрачен“ соц-комунистички-реалистички град од армиран бетон, челични конструкции и добро организиран јавен превоз. Зоран раскажува за гужвите од велосипеди, за детските градинки во секоја населба, за општествените кујни, но и за општествените перални, места за поправки на велосипеди, празните места ослободени од реклами, ослободени од многу нешта без кои денес е тешко да ја замислиме околината.

(„Гласник“, февруари 2021 г.)

 

Книгата има необичен и впечатлив концепт и е добро обмислена и напишана. Креирањето непостоечки свет не е лесно зашто во него не постојат временски и просторни обележја кои ни се познати и во кои само би се сместила приказната, туку треба да се изгради целата архитектура на тој свет. Во случајот со овој роман, таа е умешно изградена – светот е уверлив. Очигледно е направено истражување и на животот во времето на социјализмот и скопскиот дијалект, а кон привлечноста на ова издание придонесуваат и илустрациите.

(„Кон-текстот“ – Македонската книжевност во првите децении на дваесет и првиот век, Калина Малевска, 2023)

Автор

Повеќе од авторот

2020, фикција

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment