Биографија
Стефан Марковски (1990) е современ македонски писател, драматург и поет. Дипломирал на Катедрата за компаративна книжевност при Филолошкиот факултет и Институтот за филозофија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирал Сценарио за филм и ТВ на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Марковски е добитник на повеќе меѓународни и домашни награди и признанија за своите дела. Сегменти од неговото творештво се објавени на повеќе јазици, меѓу кои: англиски, италијански, шпански, кинески, руски, арапски, полски, романски, естонски, словенечки, хрватски, српски, бугарски, келтски, баскиски и други.
Главен и одговорен уредник е на најстарото македонско книжевно списание „Современост“ и е уредник на ревијата во издание на ДПМ „Стожер“, како и на поетските збирки „Метрички карван“. Бил уредник и издавач на книги од современи македонски автори.
Некои од неговите книги се преведени на странски јазици, а англиските изданија на неговите романи „Анатомија на бумбарот“ и „Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“, збирката раскази „Фауст го трча плебејскиот круг“ и поетскиот избор „Ветена земја“ се достапни на повеќе книжевни платформи. Неговиот роман „Анатомија на бумбарот“ го достигнал првото место во категоријата Источноевропска литература на „Амазон“.
Учествувал на меѓународни резиденции, книжевни фестивали и манифестации, а негови дела се вклучени во меѓународни книжевни антологии и избори.
Марковски е член на Друштвото на писатели на Македонија, македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт, европската платформа „Версополис“ и други меѓународни организации.
Ја извршува функцијата директор на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија.
Добиени награди:
– Награда „Петре М. Андреевски“ за романот „Еднонасочно“ од Фондација „Рамковски“ (2009);
– Награда „Книжевно перо“ од Хрватското книжевно друштво (ХКД) за најдобра книга вон изданијата на ХКД за збирката кратки раскази „Смртта долетува насмевната“ (2017);
– Награда „Бели мугри“ од Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје за стихозбирка од автор до 35-годишна возраст (2016);
– Награда „Празник на липите“ од Друштвото на писателите на Македонија за најдобра песна напишана по повод истоимената манифестација (2022);
– Награда „Книжевен круг“ на Битолскиот книжевен круг за збирката раскази „Фауст го трча плебејскиот круг“ (2020);
– Награда „Крсте Чачански“ на КЦ „Бран“ и „Бранувања“ – Струга, за збирката раскази „Смртта долетува насмевната“ (2017);
– „Скрипт фест“ за сценарио за долгометражен игран филм (2022);
– Интернационална награда за новинари-книжевници „Горан Бујиќ“ на Хрватското книжевно друштво (2019);
– Награда „7 ноември“ на Општина Гевгелија за достигнувања во културата и придонес во културната афирмација на Гевгелија (2014);
– „Гран При“ на поетскиот фестивал „Литературни Искри“ – Гостивар (2015);
– „Македонска книжевна авангарда“ за збирката раскази „Продавачот на ветар и магла и други приказни“ (2015)
– Naji Naaman creativity prize awarded by the Foundation for Gratis Culture Naji Naaman – Lebanon (2022)