Биографија
Ива Дамјановски (1996) Родена е на 09.01.1996 во Скопје, С. Македонија и е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при УКИМ. (2019), класа на проф. Тодор Светиев. Моментално е студент на катедрата за Музикологија, на универзитетот „Università di Trento“, како и на катедрата по Музичка Интерпретација и Композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ – Скопје, класа на прoф. Марија Ѓошевска. Добитник е на наградата на УКИМ за најдобро дипломиран студент на Факултетот за Музичка Уметност во учебната 2018/2019 година. Моментално работи како уметнички проектен координатор на институтот FAME’S во Скопје.
Автор е на научната статија „Сценското дело на иднината: современиот перформативен феномен, неговиот развој и комуникација со публиката.“, објавена во четвртото издание на научното списание “Ars Academica” (2016). Автор е и на трудот ELELORP 76: MUSICA NOVA MACEDONICA. Електроакустичната музика во Македонија, нејзиниот развој и карактеристика.“, презентиран во рамки нанаучната конференција на 42-то издание на манифестацијата „Струшка Музичка Есен“, издаден во официјалниот зборник на истото. (2017)
Добитник е на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски поетски ракопис во 2017 г. за стихозбирката „Тие“ (2017, Блесок), кој го добива своето второ и дополнето издание во 2019 г. (ПНВ Публикации). Во 2020 е издадена и нејзината втора стихозбирка „Двоумење“, за која и е доделена наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата. Нејзината поезија е застапена во многу антологии и списанија за книжевност. Добитник е на третата награда на конкурсот „Антево Слово“ за најдобра необјавена песна во 2021, а е лауреат на истата во 2022, како и специјалната награда на меѓународниот натпревар Castello di Duino во Трст, за најдобра необјавена песна со значајна социјална или хуманистичка порака (2021).Учествувала на голем број поетски читања во и надвор од државата, меѓу кои и „Астални Проекции“ и нејзината поезија е застапена во монографијата посветена на поетската манифестација (2019, Бегемот),како и голем број други поетски читања во Скопје. Нејзината наградена книга „Двоумење“ доби две претставувања во Осиек и Нашице во рамки на манифестациите „Денови на македонската култура“ и одбележувањето на 160 години од зборникот на Миладиновци. Во 2022 ја објавува и својата трета збирка „Тријажа“ во издание на „Темплум“, заедно со збирката „Почнуваме“, издание сочинето од избор песни од нејзините први две збирки. Нејзината поезија е преведувана на ирски, португалски, српски, грчки, хрватски, словенечки, англиски, албански, шпански, италијански, бенгалски и романски јазик. Од 2021 е дел од платформата Versopolis и настапувала на повеќе меѓународни поетски фестивали во Европа меѓу кои Mostra de Artes da Palavra во Португалија, Меѓународниот Поетски Фестивал во Корк, Ирска, како и Vienna Literature Festival како дел од проектот Urban Travel Machines.
Список на објавени дела :
Поезија
- 2022 „Тријажа“, повеќејазична збирка поезија, 300 Ветрила, Темплум
„Почнуваме“, ревидирана селекција од песни од збирките „Тие“ и „Двоумење“, 300 Ветрила, Темплум
- 2020 „Двоумење“, ПНВ Публикации (добитник на наградата „Браќа Миладиновци“)
- 2019 Второ и проширено издание на „Тие“, ПНВ Публикации
- 2017 „Тие“, Блесок (добитник на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски поетски ракопис)
Добиени награди:
- „Игор Исаковски“ – награда за најдобар дебитантски поетски ракопис, „Блесок“, 2017 година
- „Браќа Миладиновци“ – награда за најдобра поетска збирка за 2020 година
- „Антево Слово“ – трета награда за најдобра необјавена песна, 2021 година
- „Антево Слово“ – лауреат, 2022 година
- „Castello di Duino“ – специјална награда за песна со силна социјална и хуманистичка порака, 2021