Година на прво издание:
2020
ISBN: 978-608-265-020-3
Број на страници: 59
Формат:
Корица: мека
Јазик: македонски
Достапни преводи:
Жанр: поезија
Опис на делото
Ива Дамјановски е од оние автори на кои им се радувате кога ги читате. Се радувате што некој толку талентиран решил да пишува. Таа е музичар по образование, па не е чудно што поезијата ѝ е еуфонична и што е полна со рими и со игри на зборови. Пишува едноставно, со обичен, секојдневен јазик, но пишува строго и луцидно созерцнува во стварноста што ја живее. Таа созерцателна моќ е најважниот талент од изобилството таленти што Ива ги поседува.
Извадоци од рецензии
„Двоумење“ на младата поетеса Ива Дамјановски наметна еден необичен нов глас во македонската поезија, кој е автентичен и свеж, неверојатно луциден и ритмичен, но со едноставен и силен израз. Нејзините стихови истовремено се и брутално нежни и лежерно контрадикторни, но самосвесни и длабоко музикални. Восхитуваат со својата детски наивна мудрост, надополнета со рими и асонанци кои креираат нетенденциозна алузија на потиснатата словенска тага. Целата збирка е компактна, а песните се како природно изделкани скулптури, точно такви какви што треба да бидат, и никако поинакви, исправени пред глобалните загрози на апокалиптичноста, која нѐ обзема сите и насекаде. Песните на Дамјановски имаат храброст да нѐ убедат дека светот е добар и дека за треба да се има многу љубов, дури и тогаш кога сме свесни дека не му припаѓаме сосем. Тоа е чист, невин и речиси детски поглед на свет, бесмртен како и уметноста која е единствената надеж што човек може да ја има. Книгата Двоумење на Ива Дамјановски изобилува со минималистички градени стихови кои си поигруваат со семантиката на зборовите, отворајќи пред нас еден перцептивен и неверојатно емотивен хоризонт, кој можеби и не е толку ерудитен, колку што е интуитивен токму поради онаа безвремената сензибилност што поетесата ја наследила од Рацин и Караманов (а зошто да не и од Петер Хандке, кој се исправил пред нас преплашен како дете). Затоа во стиховите на Ива Дамјановски има и крв и револт и вжарено сонце на небото кое ги обоило остатоците на сите значења што зборот може да ги породи. Тие се како тивко јачење и гласно пишување кое посакало да ги отфрли сите вербални калапи, за да изгради една стилска оригиналност која нема да ѝ наштети на емоцијата. Затоа убавината на нејзината поезија не е толку во интелектуалната содржина на зборот, колку во едно, истовремено, одалечување-и-приближување кон сите значења одеднаш. Скриена зад привидниот несклад на мислата, зад звукот и смислата на едно вокално писмо кое се доближило до генотекстот на означувачкиот процес, нејзината поезија го открива нејзиното заитано сепство. И сосем за крај, ако изминатава година, во поетската продукција на македонски јазик има нешто што може да ја понесе толку употребуваната, дури и излитена синтагма „книжевен настан“, тогаш според мислењето на жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“, тоа секако е книгата на младата Ива Дамјановски. Како хабитус на една нова генерација, а во исто време и сензибилност која е безвременска, како музикалност и интермедијалност која вибрира на рабовите на поетскиот израз којшто се повеќе се втурнува кон другите уметности, ова книга е доказ и показ дека македонскиот јазик е сочен, жив и квалитетен материјал од кој може да се изградат песни кои се стимулативни и за уво, и за срце, и за мисла.
Комисијата на наградата „Браќа Миладиновци“, Струшки Вечери на Поезијата, 2020 год. (Ангелина Бановиќ-Марковска, Соња Стојменска-Елзесер, Анастасија Ѓурчинова, Никола Маџиров, Душко Крстевски)