Година на прво издание:
2021
ISBN: 978-608-4850-83-0
Број на страници: 302
Формат:
Корица: мека
Јазик: македонски
Достапни преводи:
Жанр: фикција
Опис на делото
Романот „Лебед“ од Ана Стојаноска е комплексна, наративна креација фокусирана на игра со фабулата на познатиот балет „Лебедово езеро“ на Чајковски. Бегајќи на однапред очекуваните структури на заплетот, авторката создава комплексна слика за животите на двајца млади уметници и нивните мајки. Играта на авторката се гледа во тоа едниот лик да нема полово одредување до првите педесетина страници, во што се гледа нејзината перманентна потреба да експериментира со книжевноста и да ги растегнува границите на литерарните жанрови. Романот е поделен на неколку поглавја: „Една зимска ноќ“ во која се портретираат главните ликови во романот, во кратки, емотивно експлозивни поглавја, „Лара раскажува“, каде што се пренесува приказната од „Лебедово езеро“, „Тестамент“, во кој се прави реминисценција на настаните од минатото, поточно од животот на двете мајки, „Лебед“ од каде што почнува „вистинската“ приказна и се открива вториот главен лик и нивната меѓусебна поврзаност, „Деца“, во кое поглавје се прикажани нивните рани години, „Роденден“ или поглавјето во кое се отвора целиот комплексен однос на меѓучовечките релации и „Концерт за пијано и страст“, во кое се споени и страста и емоциите и уметностите во едно. „Лебед“ е приказна за една љубов полна страст, во која се мешаат и младешка сила и уметнички порив, балет, музика, сликарство и книжевност. Една современа сага за тоа како е да се сака безрезервно и безусловно, борејќи се истовремено со темната страна и силно осветлувајќи ја, каде што „белиот“ и „црниот“ лебед на некаков начин ги измешале улогите. Дека станува збор за многу внатрешни емоции, силни експресии и сликовито опишување на одредени животни ситуации, покажуваат и двете посвети на почетокот и крајот на романот, како и самиот крај на романот во кој е оставено еден црн пердув да ја затвори содржината на романот.
Македонската книжевна практика не познава вакво дело во кое говори љубовта и страста без закочувања што ни ги даваат табуата, забранетите теми или пак општествените стандарди.