По издавањето на „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“, македонскиот автор Валентин Нешовски, пред крaјот на годината се реши на своите читатели да им подари уште една книга.
Делото „Една книга“ претставува реализација на она што се очекува од писателите – реакција на сè што го донел новиот свет, размислување за вештачката интелигенција, космосот, човековото место во сето тоа.
Во ова дело големите прашања се обработени преку динамична, забавна приказна, во која јунаците се и не се херои, приказната започнува, па закочува, стари зборови и поими се мешаат со нови и сè заедно, хаотично и урнебесно, носи прашање како да се опстане, што е вистина, а што привид. Во крајна линија, можеби е токму така и во животот…
„Фантастична книга.
Во космосот на Валентин Нешовски, ајкулите се многу пострашни од океанот на Хемингвеј бидејќи незаситно се хранат со примитивизмот, со незнаењето, со глупоста на дивите орди.“
Ерол Ризаов, новинар
Наскоро следува и промоција на новите книги од авторот, „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“ и „Една книга“.


