Биографија
Ана Стојаноска (1977, Прилеп) театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје (предава на сите три степени, група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар). Раководителка на третиот циклус докторски студии на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Уметнички директор и Претседател на Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, од септември 2022г.
Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. Специјализирала театарска музеологија.
Авторка на: Чашуле: приказнувачот (монографија, 2023), Ние (роман, избран во првите три на конкурсот за необјавен роман Пегаз, Арс Ламина, 2022), Ликови (Чија е приказната?) (драма, Антологија „Јас не сум мртов, богат и славен“, Македонски ИТИ Центар, 2022), Лебед (роман, Полица, 2021), Трогледало (драма, 2020, објавена во изборот на ЕУРОДРАМ: Нова македонска драма); Потпис: Трепетлика (збирка поезија, Три и „Антево перо“, 2020, за која ја доби наградата Антево перо за 2020) Јас и Лин, отпосле (роман, Блесок, 2016; за која ја доби наградата Рациново признание, 2017 и финалист за Роман на годината и второ издание, Култура, 2019), Дијалози во еднина (Култура, 2019), Театар – предизвик: Студии и есеи (УКИМ, 2018), Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (монографија, ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (монографија, ФДУ, 2006). Приредувачка на: Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Нејзината монодрама Стаклен лампион е праизведена во продукција на Театра – Скопје, 2013. Авторка на стотина студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Пишува и театарска критика. Поезија и проза и е објавувана во повеќе различни медиуми (електронски и пишани, на неколку јазици). Во 2019 година стана член на Друштвото на писатели на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и театарот. За албумот „Крик и прашина“ (2019) ги пишуваше текстовите заедно со авторот Сашко Костов. Нејзина поезија е објавувана во повеќе меѓународни списанија.
Список на објавени дела (библиографија):
Приредувач на книгата Драми од Дејан Дуковски, Скопје: ПроАртс (2002).
Избор, преговор и редакција на книгата Македонска современа драма, 101 том, од прокетот 130 Тома македонска книжевност, Битола: Микена (2008).
Поговор на книгата Избрани драми од Горан Стефановски, Скопје: Полица (2020).
Авторка е на книгите Македонски постмодерен театар, Скопје: ФДУ (2006), Димитар Ќостаров – реалистичката поетика и естетика на еден режисер, Скопје: ФДУ (2014) Театар: предизвик, студии и есеи Скопје: УКИМ (2018).
Еден од авторите на Поимникот на книжевна теорија, Скопје: МАНУ (2007).
Приредувачка на деловите Факти и еден од коавторите на монографиите Илија Милчин, (прир.Јелена Лужина), (2003); Прилеп: МТФ „Војдан Чернодрински“ и Петре Прличко, (прир.Јелена Лужина), (2004); Скопје: Магор.
Авторка на монодрамата Стаклен лампион, праизведена Театра, 16.06.2013г.
Авторка на романот Јас и Лин, отпосле, издание на Блесок, 2016г.(прво издание); Култура, 2019 (второ издание). За кој ја доби наградата Рациново признание, 2017г. Во превод на Пол Филев на англиски јазик е објавен во издание на Cadmus Press (2022).
Авторка на книгата Дијалози во еднина, издание на „Култура“ Скопје, 2019 г.
Авторка на збирката Потпис: Трепетлика (2020), за која ја доби наградата Антево перо за 2020г.
Авторка на драмата Трогледало (2020), објавена меѓу шесте најдобри нови драми во изборот на ЕУРОДРАМ: Избор нови македонски драми, Скопје: Еуродрам.
Авторка на романот Лебед (2021), издание на „Полица“, Скопје.
Авторка на романот Ние (2022), издание на „Арс Ламина“, Скопје (Избрана во првите три за награда „Пегаз“ за необјавен роман.
Иницијатор, координатор и еден од главните уредници на списанието „Ars Academica“, научно списание со меѓународна редакција што заеднички го подготвуваат и го објавуваат Факултетот за драмски уметности – Скопје и Факултетот за музичка уметност – Скопје.
Добиени награди (ако има):
Рациново признание за „Јас и Лин, отпосле“ (2017),
Антево перо за „Потпис: Трепетлика“ (2020).